Веднаш треба да се пристапи кон поништување на одвратниот Преспански договор. Од него сè почна, и кај него сè треба да заврши. Треба да се запре и секој договор со Бугарија што задира во нашето уставно уредување, во нашата култура и идентитет. Името ‘Македонија’ не е само име на држава – тоа е идентитет на народот кој живее во неа“, пишува митрополитот повардарски Агатангел во својата колумна за „Нова Македонија“.
Според него, Европа одамна ги напушти своите темелни вредности и денес е заложник на шовинизми и корупција. „Европа на Хегел и Кант се претвори во Европа на Каравангелис и Живков. Наместо прогрес, ни нуди потчинување и омаловажување“, вели тој.
Тој ги повикува и властите и опозицијата, како и целокупниот македонски народ – дома и во дијаспората – на обединување и активна одбрана на националното достоинство.
„Доста беше молк и криење. Секој што има јавна функција мора да расчисти со злото од минатото и да работи за иднината. Македонија може да се извлече од оваа ситуација само со јасна визија и храброст. Само така ќе изградиме пат кон достоинствена иднина“, порачува митрополитот.
Инаку Агатангел е познат како голем поддржувач на ВМРО ДПМНЕ и на премиерот Христијан Мицкоски.
Пред неколку години, тој по повод празникот Свети Трифун испрати политичка порака, дека „ВМРО-ДПМНЕ е најголемата и најсветата партија“ во државата и оти верува дека Господ и Богородица ќе му помогнат на Мицкоски да го врати сето македонско и национално.
Според експертите, со неговите изјави се нарушува принципот на секуларноста во државата, отворено и директно се меша во политиката, фаворизира една политичка партија и врши поделба меѓу граѓаните.