
HMD Global тестира неколку нови Android уреди, кои што ги очекуваме во наредните месеци. Предмет на повеќе шпекулации во последниве недели е моделот кој се развива со кодното име „Daredevil“. Ние веќе ве информиравме дека Nokia развива паметен телефон со задна камера од 48 мегапиксели и „waterdrop“ дизајн. Новите податоци објавени од „gsmarena“ откриваат дека „Daredevil“ всушност ќе се продава како Nokia 5.2.
Наследникот на Nokia 5.1 ќе понуди голем број на премиум функции за да го разликува од другите Android уреди од средна класа. Компанијата сака да обезбеди повеќе функции од најскапиот сегмент, но по поволна цена. На овој начин тие се надеваат дека ќе предизвикаат интерес на повеќе корисници кон Nokia 5.2. На пример, уредот ќе биде опремен со Zeiss оптика, која досега беше функција само за топ-моделите на Nokia.
Другите иновации на Nokia 5.2 ќе вклучуваат подобар дисплеј со технологијата PureDisplay, како и поддршка за аудио технологијата на OZO. Смартфонот ќе се напојува од Qualcomm Snapdragon 660 процесорот, а батеријата ќе биде со 3500mAh полнеж. Екранот ќе поддржи Full HD + резолуција, а оперативниот систем најверојатно повторно ќе биде Android One. Во овој момент, ова се сите детали што ги имаме за претстојниот модел на компанијата.