Американска безбедносна компанија ја тужи Air Canada поради кражба на златни прачки и готовина во вредност од 15 милиони долари кои исчезнаа од аеродромот во Торонто во април.
Бринкс интернешнл ја обвини канадската авиокомпанија дека била небрежна и дека не ја спречила кражбата.
Златните прачки и парите пристигнале со летот на Air Canada од Цирих, Швајцарија до Торонто, каде што исчезнале.
Кражбата се смета за една од најголемите во канадската историја. Од аеродромот украдени се 400,19 килограми златни прачки и два милиони американски долари во кеш. Случајот и до ден денес останува нерасчистен, а крадците се на слобода.
Бринкс интернешнл во тужбата рече дека бил ангажиран од банка и компанија за благородни метали за да го обезбеди транспортот. Златните прачки и парите се украдени 42 минути откако биле истоварени од авионот, соопшти американската компанија.
Според обвинението, непознато лице влегло во магацинот каде што била складирана стоката. Бринкс тврди дека авиокомпанијата немала безбедносни протоколи за следење и ограничување на пристапот до објектот.
Наводно, крадецот успеал да влезе во магацинот така што на вработен во Ер Канада им го покажал документот што требало да го искористи за да ја подигне пратката. Авиокомпанијата потоа го пуштила товарот на лице, кое исчезнало со товарот, според тужбата.
Бринкс тврди дека персоналот на Ер Канада не се обидел да ја потврди автентичноста на товарниот лист и дека кражбата можела да се спречи доколку компанијата ги почитувала безбедносните протоколи.
Од Air Canada се бара да ја плати целата вредност на исчезнатиот товар.
Ова е најголемата кражба во историјата на Канада. Пред неа, највредната стока што исчезнала е јаворов сируп вреден 18,7 милиони долари украден од магацин во Квебек.