Историска одлука: ЕУ ќе купува оружје за Украина

од Nikola Popovski
291 прегледи

Поради руската агресија кон Украина, ЕУ се откажува од сегашниот принцип – да не им доставува оружје на завојуваните страни. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави во Брисел дека за прв пат во својата историја, ЕУ ќе финансира набавка и испорака на оружје и воена опрема на „нападната земја“.

„Смртоносно оружје“ и залихи на гориво за украинската армија, заштитна и медицинска опрема треба да се финансираат од фондот за итни случаи, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

Според непотврдени медиумски извештаи, ЕУ сака да и стави на располагање на Украина половина милијарда евра – 450 милиони евра за оружје и 50 милиони евра за друга опрема.

Според плановите, парите ќе дојдат од таканаречениот европски фонд за мир. Тоа е нов финансиски инструмент на ЕУ кој може да се користи и за зајакнување на капацитетите на вооружените сили во земјите партнери.