Култниот Ferrari F2001, со кој Михаел Шумахер ја освои титулата во 2001 година, ќе биде понуден на аукција за време на Големата награда на Монако во 2025 година, објави официјалната веб-страница на Формула 1.
Модифицираниот автомобил 211, со кој Шумахер доминираше во сезоната 2001 година и ја освои четвртата од седумте светски титули, ќе биде првиот тркачки автомобил што ќе се најде на аукција во Монако.
Наддавањето ќе започне во 15:15 часот по локално време на 24 мај, пред да започнат квалификациите за Големата награда на Монако.
Во 2001 година, болидот на Шумахер победи на девет од 17 трки, вклучувајќи ја и Големата награда на Унгарија, каде што Шумахер исто така го обезбеди триумфот на Ферари во шампионатот за конструктори по 11-ти пат во историјата на тимот. Автомобилот ќе се врати на местото на своето деби, Големата награда на Монако, за оваа историска аукција и ќе биде изложен во Paddock клубот ден пред почетокот на наддавањето.
Според првичната проценка на аукциската куќа „Сотби“, цената на автомобилот се очекува да достигне околу 5,5 милиони долари. Дел од средствата од продажбата ќе бидат донирани на фондацијата Keep Fighting, основана во 2017 година од семејството на Шумахер за да ја продолжи неговата добротворна работа.