Истрагата „Мозаик“: како Обвинителството стигна до плочката од која потекоа 350.000 евра

Истрагата што ја води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во јавноста доби симболично име „мозаик“.

од desk4
30 прегледи

Не поради спектакуларност, туку поради начинот на кој, парче по парче, информациите од различни извори почнале да се вклопуваат во една поширока слика што истражителите ги доведе до ѕидот во кујната на семејниот дом на апелацискиот судија Ѓоко Ристов, зад чија плочка беа сокриени 350.000 евра, стои во анализата на 360 степени.

Како што објасни обвинителката Искра Хаџи Василева на брифинг со новинарите, истрагата започнала пред околу една година и од самиот почеток била градена врз повеќе пријави, сведоштва и индиции што доаѓале од различни лица и канали. Секоја информација, како што нагласи таа, била примана со резерва и проверувана низ веќе постоечки факти и докази со кои располагало Обвинителството.

Токму поради тоа, засега не може со сигурност да се тврди од кој конкретен случај или од колку случаи на наводен поткуп потекнуваат парите пронајдени во домот на судијата Ристов. Тоа, според ОЈО ГОКК, е прашање што треба да го расчисти понатамошната, финансиска и кривична истрага.

Истражителите ја опишуваат потрагата по парите како „трагање по игла во сено“. Пресвртниот момент дошол кога во домот на родителите на судијата, во Неготино, бил забележан свеж цемент што не се совпаѓал со нивните изјави дека во скоро време немале градежни интервенции.

Вториот претрес во истиот објект, по неуспешните проверки на уште три локации, се покажал клучен. Со комбинација на криминалистичка логика, искуство и техничка опрема, истражителите утврдиле разлики во плочките, звук при удар и траги од интервенција. По минимално кршење, се отворила шуплина од која почнале да паѓаат поединечно спакувани банкноти.

Иако истрагата не се темели на еден единствен наод, од Обвинителството посочуваат дека контурите на случајот почнале појасно да се исцртуваат со апсењето на адвокатот и поранешен државен правобранител Фехми Стафа на 13 декември минатата година.

Според ОЈО ГОКК, Стафа примил 50.000 евра за да посредува и да влијае врз судија од Апелацискиот суд Скопје со цел укинување мерка притвор за негов клиент, осомничен во предметот „Синџир“. Апсењето било извршено флагрантно, веднаш по примањето на вториот дел од парите.

Еден од поинтересните аспекти на истрагата, според обвинителството, е фактот што ниту Стафа, ниту Ристов не биле предмет на посебни истражни мерки, како прислушување или следење. Одлуката била донесена врз основа на проценка дека во вакви случаи ретко се зборува отворено преку телефон и дека таквите мерки не би дале ефект.

Наместо тоа, истрагата се потпирала на сведочења, логичко поврзување на настани, анализа на конкретни предмети и финансиски траги.

Она што Обвинителството го смета за извесно е дека сумата од 350.000 евра не можела да биде стекната од редовни приходи, плата на судија или други легални извори за кои постојат докази. Финансиската истрага, која сè уште трае, треба дополнително да ја зацврсти оваа констатација.

Одбраната дека парите им припаѓаат на родителите на Ристов, според обвинителката Хаџи Василева, не е доволно убедлива во однос на доказите со кои располага Обвинителството, особено ако се земе предвид начинот на кој биле сокриени и пронајдени.

На Ристов му е одреден куќен притвор, мерка што Обвинителството ја оцени како балансирана и пропорционална, имајќи ја предвид неговата здравствена состојба. Истовремено, Судскиот совет му го одзеде имунитетот, а пасошот му е привремено одземен.

Од Здружението на судии повикаа на темелна и транспарентна истрага, нагласувајќи дека ваквите случаи не смеат да се генерализираат и да се поистоветуваат со работата на мнозинството судии кои, како што наведуваат, чесно и професионално ја извршуваат својата функција.

Истрагата „Мозаик“ сè уште не е завршена. Клучните прашања, од каде потекнуваат парите, колку случаи се поврзани и дали има вклученост на други лица остануваат отворени. Токму тие одговори ќе покажат дали мозаикот е целосно составен или допрва ќе открие нови, неочекувани делови.