Истрагата за „Онкологија“: Нема докази дека лековите завршувале „на црно“ во Косово

од Nikola Popovski
527 прегледи

Скопското јавно обвинителство води истражна постапка против двајца екс-директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија и тројца онколози, поради сомнение дека препродавале лекови и несоодветно лекувале пациенти. Од обвинителството велат дека засега нема докази дека скапата биолошка терапија завршила на пазарите во Албанија и Косово.

Поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, кој е осомничен за седум кривични дела, покрај забраната за напуштање на живеалиштето и одземање на патната исправа, доби и мерка отстранување од работното место.

Извршниот директор на таа клиника, Нехат Нухи доби забрана за напуштање на живеалиштето и одземање на патната исправа.

Во случајот се осомничени и тројца онколози.

Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска за новинарите изјави дека во текот на предистражната постапка е прибавена обемна документација, а особено се важни изјавите на пациентите.

-За целата оваа процедура од исклучителна важност беа изјавите на пациентите со онкологија и нивните семејства, на кои би сакала уште еднаш јавно да им се заблагодарам и да ги охрабрам да пријават евентуални незаконитости и злоупотреби на кои биле сведоци на оваа клиника, кажа таа.

Таа истакна дека двајцата поранешни директори се осомничени дека набавиле лекови на „реверс“ пред да го склучат договорот за јавна набавка и без согласност на ФЗОМ.

Го надминале одобрениот буџет, а констатирано е и дека за краток период се извршени неколку набавки без распишување тендер.

Обвинителството во врска со препишувањето на терапијата утврди дека спротивно на одобренијата за регистрација на лекови, протоколите за лекување, податоците од медицината базирана на лекови, постои недоследност во дозирањето и временскиот распоред на терапијата.

Обвинителката објасни дека тоа не значи дека терапијата била скратена или не им била дадена на пациентите, туку дека вишокот терапија бил регистриран на име на пациентите, односно било утврдено дека на некои пациенти им била препишана по една ампула повеќе од наведената доза.

Обвинителството утврдило и дека лекови од новите генерации целна и имунолошка терапија на пациентите им биле давани ден пред смртта.

Истрагата треба да утврди каде завршиле „вишокот“ лекови, но засега нема официјални информации дека се препродавале на „црно“ во соседството.

-Од страна на Косово се прибавени докази, се анализираат, но не произлегуваат сознанија дека терапијата од Онкологија завршувала на така наречен косовски црн пазар или дека пациенти од таму примале терапија. Од Албанија чекаме, рече вчера обвинителот Бубевски на брифингот.

Според досегашните неофицијални пресметки, противправната имотна корист стекната во случајот со злоупотреби на Клиниката за онкологија изнесува речиси 30 милиони евра.

Слични содржини