Долгорочната невработеност во 2021 година во четирите најголеми економии во еврозоната се очекува да порасне за 38 проценти над нивото пред Ковид-19, пред да падне малку во четвртиот квартал, според истражувањето на „Allianz“, со работен наслов „Ковид-19, една година подоцна“.
Бројот на долгорочно невработени во Германија, Франција, Италија и Шпанија ќе се зголеми од проценетото најниско ниво од 4,8 милиони во првиот квартал на 2020 година на 6,6 милиони во третиот квартал од 2021 година, пред да падне малку и да се стабилизира на 6,5 милиони во четвртиот квартал од 2021 година, се вели во истражувањето.
Во четирите најголеми економии во еврозоната, веднаш по пандемијата, 25 милиони работници користеа програми за зачувување на работата. Благодарение на овие програми, падот на вработеноста, и покрај наглиот пад на економскиот раст, беше само малку поголем отколку во 2019 година.
Од друга страна, 13,7 милиони невработени во голема мера ги изгубиле своите можности за работа и шокот на пазарот на трудот се очекува да стане структурен и невработеноста да се стабилизира на покачено ниво, според студијата на „Allianz“.
Бидејќи веројатно нема да се случи вработување во големи размери пред 2022 година, изгледите за повторно вработување на лицата што бараат работа остануваат нејасни.
Огромното мнозинство на работници кои останаа без работа во првата половина на 2020 година, или се без работа во првата половина на таа година, ќе се борат за вработување во текот на следната година.
Покрај тоа, кога ќе започне економското закрепнување на еврозоната во вториот квартал од 2021 година, компаниите ќе им дадат приоритет на враќање на своите вработени од отсуство, отколку на ангажирање нови.
„Со оглед на тоа што загубите на работни места во 2020 година главно се поврзани со рутински занимања, гледаме ризик Европа да ги следи стапките на САД каде што „закрепнувањето без намалување на невработеноста“ и зголемувањето на „поларизацијата на пазарот на трудот“ веројатно веќе станаа нова норма во контекстот на повисоки стапки на технолошко усвојување “, рече Алијанц.
Зголемената структурна невработеност не само што ќе има негативно влијание врз производниот капацитет на економијата, туку ќе има потенцијал да ги влоши веќе преовладувачките политички незадоволства и да ги разгори социјалните немири, се вели во студијата на „Allianz“.
Со цел да се ублажи штетното влијание врз пазарот на трудот во еврозоната и да се одржи структурната невработеност под контрола, работниците мора да стекнат вештини потребни за пополнување работни места во иднина.
Активните политики на пазарот на трудот, со фокус на брза обука и преквалификација, ќе бидат клучни за зајакнување на можностите за вработување на работниците и за одржување под контрола на растечкиот јаз на пазарот на трудот помеѓу високо и ниско квалификуваните работници, се вели во студијата.
„Сеопфатен пристап ќе треба да разгледа поструктурни форми на помош, вклучително и ревизија на образовните системи“, сугерира „Allianz“ во истражувањето.