Секоја деветта студентка во Холандија била жртва на силување за време на студиите, покажува истражувањето спроведено од агенцијата „I&O Research“ за Амнести Интернешнл, објави холандската телевизија „НОС“.
Истражувањето е спроведено меѓу повеќе од илјада студенти на средни училишта и факултети во Холандија.
Силувањето се смета за несакана пенетрација во телото, дел од телото или со предмет. Од мажите кои учествувале во истражувањето, еден процент изјавиле дека биле жртви на несакана сексуална пенетрација.
Повеќето од учениците го познавале сторителот, од забава или романтичен состанок.
Според Мартина Хуман од АИ, силувачите затоа „не се непознати мажи во некоја шума“.
Повеќе од една четвртина од жртвите биле силувани по консумирање алкохол или дрога.
„Жртвите се силувани во време кога тие се особено ранливи и голем број од нив не можеле да се бранат или да се спротивстават, честопати целосно проследено со страв“, рече Хуман.
Според холандскиот закон за сексуално насилство, силувањето е кривично дело доколку вклучува присила, физичко насилство или закани.
Минатата година, министерот за правда и безбедност, Фред Храперхаус, предложи заострување на овој закон, според кој секоја форма на несакани сексуални односи ќе се смета за силување, по што ќе следува затвор од четири до девет години.
За разлика од сегашниот закон, според новиот закон, доволно е сторителот да знае дека жртвата не сака сексуален однос, со цел односот да се смета за силување.
Претходното истражување на АИ открило дека дваесет проценти од холандските жени постари од 16 години имале безсогласен сексуален однос, а три проценти од мажите.
Веќе повеќе од една година, Амнести води активна кампања насочена кон привлекување внимание кон сексуални односи засновани врз еднаквост, слободни одлуки и согласност.