Шефот на италијанската дипломатија Антонио Тајани денеска оценил дека Европската унија треба да формира своја армија, која би можела да има улога во зачувување на мирот и спречување на судири.
Тајани истакнал дека поблиската европска одбранбена соработка е приоритет на неговата партија Форца Италија, јавува Ројтерс.
„Војската на ЕУ е основен предуслов за ефикасна европска надворешна политика. Во светот на моќни играчи како Соединетите Американски Држави, Кина, Индија и Русија, со кризи од Блискиот Исток до Пацификот, италијански, германски, француски или словенечките граѓани можат да бидат заштитени само со нешто што веќе постои, а тоа е ЕУ“, рекол Тајани.
Тој додал дека ЕУ треба да има еден претседател, наместо досегашните претседатели на Европскиот совет и на Европската комисија.