Италијански медиуми: Италија одби пристап на САД до воена база на Сицилија

„Кориере дела Сера“ додаде дека дозволата не била одобрена затоа што САД не побарале авторизација, а италијанското раководство не било консултирано

од Кристијан Димков
8 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/ANI News

Италија одбила да дозволи слетување на американски воени авиони во воздухопловната база Сигонела на Сицилија, пред тие да се упатат кон Блискиот исток, пренесува Ројтерс повикувајќи се на италијанскиот весник „Кориере дела Сера“.

Имено, дневниот весник „Кориере дела Сера“ објави дека „неколку американски бомбардери“ требало да слетаат во базата во источна Сицилија пред да продолжат кон Блискиот исток. Весникот не наведе кога било планирано нивното слетување.

Извор, кој не бил овластен да зборува за медиумите и одбил да биде именуван, исто така не прецизирал колку авиони биле во прашање ниту кога Рим одбил да даде дозвола.

„Кориере дела Сера“ додаде дека дозволата не била одобрена затоа што САД не побарале авторизација, а италијанското раководство не било консултирано, како што е предвидено со договорите што го регулираат користењето на американските воени објекти во земјата.

Опозициските партии лево од центарот ја повикаа владата да го блокира користењето на американските бази во Италија за да се избегне вклучување во конфликтот.

Премиерката Џорџа Мелони и нејзината десничарска влада изјавија дека би побарале парламентарна согласност доколку бидат упатени такви барања.

Потсетуваме, вчера, Шпанија го затвори својот воздушен простор за американските воени авиони кои учествуваат во дејствија во војната со Иран, соопштија денеска официјални лица во Мадрид.

Оваа земја претходно соопшти дека нема да им дозволи на САД да ги користат базите во Шпанија за потребите на војната, со кои управуваат заеднички.