Итен состанок на НАТО пактот на покана на Полска

од Stefanija Kuzmanovska
144 прегледи

Амбасадорите на 30 земји членки на НАТО денеска се собраа на итен состанок на покана на Полска по падот на ракета од руско производство на нејзина територија, при што загинаа две лица.

Експлозијата се случи вчера во Полска во близина на границата со Украина во време кога Русија изврши опсежни воздушни напади ширум Украина. Тоа предизвика страв и конфузија околу тоа дали Русија ја проширува војната што ја започна против Украина кон крајот на февруари, потенцијално вовлекувајќи го НАТО во конфликтот.

Американскиот претседател Џо Бајден рано утринава изјави дека е „малку веројатно“ проектилот да бил истрелан од Русија, а главната портпаролка на НАТО Оана Лунгеску ја опиша експлозијата како „трагичен инцидент“.

Иако сè уште нема одговори на клучните прашања, се очекува резултатот од денешниот состанок на НАТО да биде цврста изјава за поддршка на Украина и полската истрага, слично на заедничката изјава објавена од лидерите на НАТО и Г7 кои итно се состанаа на маргините на самитот Г20 на најголемите светски економии во Индонезија.

 

Слични содржини