Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе одржи итен состанок посветен на ескалацијата на тензиите меѓу Израелците и Палестинците, пренесува рускиот ТАСС, повикувајќи се на неименуван извор од Советот за безбедност на ООН.
Како што е наведено, консултациите се закажани за во 9 часот по локално време во Њујорк, каде се наоѓа седиштето на ООН.
Членовите на Советот за безбедност на ООН не успеаја да го усогласат текстот на документот за ова прашање за време на консултациите во понеделникот, а според руската агенција, тие веројатно нема да можат да усвојат заедничка резолуција или изјава ниту на денешната седница.
Непријателствата меѓу Израел и Хамас ескалираа со најмалку 35 убиени во Газа и пет лица во Израел.
Палестинските сили испукаа стотици ракети кон Израел, кој изврши силни воздушни напади врз појасот Газа.
Ова е најсериозната конфронтација меѓу Израел и милитантната организација Хамас од 2019 година, а беше предизвикана од судирите меѓу Палестинците и израелската полиција во и околу џамијата Ал Акса во Ерусалим.