Традиционално, Претседателот на РМ, Ѓорге Иванов приреди прием за дипломатите акредитирани во државата, по повод изминатите празници. Притоа во своето обраќање им се заблагодари за ангажманот на пријателските и партнерските држави. Благодарност упати и до еврокомесарот Јоханес Хан, поради неговите заложби за договорот од Пржино.

– Годинава некои од вас дипломатите беа на масата каде што се одвиваше дијалогот меѓу лидерите на политичките партии во Република Македонија. Како претседател жалам што политичкиот дијалог излезе од институционалните рамки. Морам да истакнам дека сум непријатно изненаден од несериозното однесување и немањето чувство за државност кај некои од лидерите на политичките партии. Истовремено, благодарен сум за ангажманот на пријателските и партнерски држави. Благодарен сум за заложбите на еврокомесарот Јоханес Хан за спроведување на политичкиот договор и ја поздравувам подготвеноста на Европската унија да обезбеди целосна поддршка и гарантирање на слободни и фер избори, нагласи меѓу другото претседателот Иванов.