Претседателот на државата Ѓорге Иванов утре и задутре ќе престојува во работна посета на Турција, каде ќе учествува на Светскиот хуманитарен самит што се одржува во Истанбул, во организација на Обединетите нации, соопштуваат од кабинетот на Иванов.
„Во рамки на Светскиот хуманитарен самит, кој се одржува по прв пат, претседателот Иванов ќе има свое обраќање на пленарната сесија на тема ‘Политичкото лидерство во превенирање и решавање конфликти’, и ќе учествува на лидерскиот сегмент, заедно со останатите шефови на држави и влади“, стои во соопштението.
На специјалната сесија, посветена на жените и децата во регионите зафатени со криза, ќе учествува и сопругата на претседателот, Маја Иванова.
На Светскиот хуманитарен самит е најавено учество на околу 5.000 учесници, вклучувајќи шефови на држави и влади од педесетина земји, лидери од кризните региони, раководни лица на меѓународните организации, претставници на приватниот бизнис сектор, како и преставници од граѓанскиот сектор./извор Мета