Ивановска за партиските вработувања во М-НАВ: Не е спорно кој се пријавил на огласот, но проблемот се создава во заднинските намери

Не се почитуваат законските прописи и интерни контроли, постојано се вртиме во круг - вели поранешната прва антикорупционерка Ивановска за „Локално“

од Nikola Popovski
103 прегледи

Нови обвинувања за партиски вработувања низ македонските институции. Овој пат наводите се дека се врши партизација на институцијата што се грижи за безбедноста на авиосообраќајот. Дел од медиумите објавија дека на огласот за вработување во М-НАВ се избрани Ивана Југ, сопруга на починатиот Игор Југ, еден од осудените за организираниот напад во Собранието на 27 април 2017 година; Атанас Стамнов, сопруг на директорката на Централниот регистар на Македонија; и потпретседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Ѓорѓиев.

Струковиот синдикат на контролори на летање на Македонија (ССКЛМ) во јуни му постави ултиматум на раководството на М-НАВ, со кој бара поништување на последниот оглас за нови вработувања и итна реализација на неисполнетите точки од минатогодишната Спогодба. Доколку барањата не бидат исполнети, Синдикатот најави реактивирање на штрајкот почнувајќи од 10 јули.

Во целата ситуација со имињата на кандидатите, се огласи и премиерот Христијан Мицкоски. Според него, нема проблем лицата да бидат вработени, иако, како што вели, не се согласува дека се партиски вработувања.

-Не можам да се согласам со вас дека се партиски вработувања. Дури и да е така, немаат право тие да се вработуваат или да бидат вработени само затоа што се мои роднини, пријатели, блиски…? Немаат право да живеат?, рече вчера Мицкоски во дебатна емисија.

Постои ли корупција и партизација со овие вработувања? Во разговор за „Локално“ екс-претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, дава одговор на ваквата дилема. Според Ивановска, Согласно Уставот секому под еднакви услови му е достапно секое работно место и не е спорно кој се пријавил на огласот, но, проблемот се создава во заднинските намери.

-Ако го погледнете ревизорскиот извештај уште од 2018 година, првата забелешка е дека критериумите за вработување, начинот на прераспоредување на вработените, пресметката и исплатата на додатокот за прекувремена работа не се во согласност со законските прописи и интерните контроли на друштвата. Постојано се вртиме во ист круг. Наодот од пред 7 години и не е надминат, посочува Ивановска.

Според поранешната прва антикорупционерка, ова укажува на фактот дека не се почитуваат законските прописи и интерни контроли.

-Со анализа на документацијата може да се утврди дали огласот бил законски спроведен, дали се пријавиле и други кандидати, дали имало критериуми и ранг листа за избор, или, што е многу чест случај, се користеле дискрециони права за одлучување кои најчесто црпат моќ од политиката, а се препознаваат преку познатите форми на непотизам, кронизам, клиентелизам и сл, објаснува соговорничката.

Ако се земат предвид укажувањата на синдикатот, додава Ивановска, дека е потребна функционална анализа, сметам дека поцелисходно е прво таа да се подготви и да се увидат реалните потреби, да се усогласи систематизацијата со функционалната анализа, а потоа да се утврди кои работни места треба приоритетно да се пополнат, дотолку повеќе што станува збор за институција која од безбедносен аспект е многу значајна за граѓаните.

По ова откритие реагираше СДСМ, кој во соопштение рече дека „ВМРО-ДПМНЕ ја претвора М-НАВ во партиска филијала“.

Партијата во соопштението додава: „М-НАВ не е партиска играчка. Таму се работи за безбедноста на луѓето во авиосообраќајот, за контрола на воздушниот сообраќај, за сериозни задачи кои бараат врвен професионализам и стручност. Со своите одлуки, ВМРО-ДПМНЕ директно ја загрозува безбедноста на граѓаните и ја урнисува довербата во една од најважните институции.

СДСМ бара итно поништување на спорниот оглас, враќање на професионалните критериуми и оставка од сите кои го овозможија овој срам“.

Закажаниот штрајк на контролорите на летање на 10 јули беше спречен, затоа што Владата гарантираше дека ќе им ги исполни сите барања, меѓу кои да престанат партиските вработувања, да се добие одобрување од Министерството за финансии за оглас за најмалку 6 контролори на летање и да се распише тендер за избор на меѓународна, независна агенција која ќе направи анализа во М-НАВ за сегашната состојба и за потребните суштински работни места кои треба да се пополнат за нормално функционирање на претпријатието.

Синдикатот на контролори на летање реагираше дека процесот на вработувања е нетранспарентен и спротивен на законот, повторениот оглас, според нив не требало ни да се случи. Синдикалците, за разлика од претходниот оглас, не добиле дозвола ниту да присуствуваат на процесот на избор, иако тоа претходно било договорено за да се спречи најавениот штрајк.

-Се закануваат оние кои што правеа упад и кои што тепаа. Сега немаат внимание и не се толку силни да тепаат, изјави во јуни премиерот Мицкоски, одговорајќи на новинарско прашањето во врска со најавите за штрајк на ССКЛМ.

-Не мислам дека е тоа причината. Се закануваат оние кои што правеа упад и кои што тепаа. Сега немаат внимание и не се толку силни да тепаат – рече Мицкоски.

М-НАВ моментално го водат Владимир Ристески, Климент Чепуњоски и Фатмир Зимбери, откако минатата година, со протести, беше сменето раководството на чело со Фахрудин Хамиди. Новото раководство се соочува со истите критики како и претходното – непотребни вработувања, политички влијанија и загрозување на клучната функција на М-НАВ – безбедно управување со воздушниот сообраќај.

Слични содржини