За дел од економистите предлог-буџетот за 2023 година е само продолжување на низата претходни гломазни буџети.
Како и досега Министерството за финансии велат дека го задржува основниот принцип да се задоволат барањата на сите буџетски корисници но, според нив, останува дилемата колку е реално согледана економската слика и состојбите на економски план во државата во однос на капацитетот на прибирање на приходите и секако за остварување на суштинските расходи неопходни за економски раст.
„Имајки предви дека обемниот буџет, Владата генерално го брани со образложение дека сака да ја динамизира економската активност и да делува контрациклично во услови на нејзино опаѓање, најважно е да се реализира планираното ниво на капитални инвестиции бидејки тој износ може да ја обезбеди очекувана стапка на економски раст. Во спротивно ќе преовлада песимизмот за економскиот изглед на државата. На Македонија повеќе и одговара поскромно скроена буџетска каса која би значела и вовед во вистинска фискална консолидација т.е целосно рационализирање на трошоците, вели за „Локално“ професорот Зоран Ивановски.
Во предложениот буџет тежок 5,3 милијарди евра, кој од денеска влегува во собраниската процедура, се планира повеќе пари за плати и пензии, за социјални трансфери, значително зголемување на приходите од персоналецот и од ДДВ. Тоа, според Ивановски, не е спорно но во пракса, вели, ќе значи дополнително оптоварување на тие што и досега уредно си ги плаќале обврските.
„Претпоставка е дека ново воведените давачки на депозитите на граѓаните и капититалните добивки ќе значат зголемени приходи од персоналец. Тоа е во ред имајќи предвид дека треба да бидат оданочени и тие што инвестираат во финансиите но прашање е дали можеше државата да се справи со сивата економија, евазијата и неплаќањето на даноци па така да се зголеми нивото на јавни приходите. Вака останува впечатокот дека тие што и досега плаќале ќе бидат обременети со нови давачки а на удар ќе се најдат и оние кои се хонорарно ангажирани“, вели Ивановски.
Во однос на стапката на инфлација, Ивановски смета дека позитивните ефекти од монетарните мерки ќе имаат значителен ефект, а тоа значи едноцифрена инфлација кон средината на 2023 г.
„Затегањето на монетарната политика и растот на каматите, сметам дека ќе влијае на стабилизација на инфлацијата но не толку брзо и ефикасно имајќи предвид дека ваквите монетарни мерки не се толку ефикасни кога станува збор за класична трошковна инфлација. За целосно стабилизирање ќе треба да се очекува стабилизација на енергенсите но тоа не е во домен на наша контрола. Знаејќи дека инфлацијата се генерира и како резултат на рационални инфлаторни очекување, овие мерки ќе делуваат позитивно кон постепено стабилизирање и веќе кон средина на следната година да се забележат едноцифрени стапки на инфлација“, објаснува тој.
Со новиот буџет се предвидува економскиот раст на домашната економија догодина да достигне 2,9 % а стапката на инфлација 7,1 %. Капиталните инвестиции се проектирани на ниво од 800 милиони евра а најмногу пари се планира да се потрошат на Коридорот 8, за делниците Тетово-Гостивар-Букојчани, за автопатот Требеништа-Ќафасан, за железницата до Бугарија, потоа за колекторскиот систем Охрид-Струга, за гасификација итн.
К.В.С.