Мнозински бонус систем во Европа се применува или се применувал во Грција, Италија и Сан Марино, но поради различни причини и во различни услови-анализира DW.
Во италијанскиот парламент кој има дводомна структура поради нестабилните влади и нивното често паѓање, а во Сан Марино, една од најмалите држави во светот со регистрирани 32.000 жители, од кои 11.000 живеат надвор од неа, со варијабилен бонус се дополнуваат пратеничките места што и‘ недостигаат на коалицијата која освоила најмногу гласови на изборите.
Според аналитичари, бонус системот практично е неприменлив во мултиетнички земји каде политичките партии се етнички хомогени, бидејќи тоа може да предизика проблеми на меѓуетнички план. Поради тоа или и од други причини, и во ДУИ, коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, се резервирани кон ваквиот предлог.
„Таков предлог би се разгледал само доколку претходно законски се регулира изборот на владата да се спроведе со Бадентерово, двојно мнозинство“, кратко изјавија од центарот за информирање во ДУИ, без дополнителна аргументација.
И претседателот на Државната изборна комисија, Никола Рилкоски, смета дека мнозинскиот изборен модел е надмината работа, а бонус системот – неприфатлив.
„Изборите се добиваат со гласовите од граѓаните, а не со бонус пратенички места. Тоа е целосно неприфаливо“, вели Рилкоски.
Политиколози сметаат дека ваквиот предлог води кон недемократски амбиент, во кој победникот зема се‘ и одлучува за се‘, без инклузија на другите. Поранешниот министер и професор од Правниот факултет, Денко Малески, е разочаран од ваквиот предлог.
„Ако првиот човек на владејачката партија, после сиот наш труд да објасниме дека проблемот со демократијата во Македонија не е во слабата власт, туку во неконтролираната власт, тоа се‘ уште не го разбрал, во очај ги фрлам рацете кон небото и заклучувам дека мали се шансите за решение за нашата криза низ дијалог“, констатира Малески.
Разговорите во работната група за изборниот пакет продолжуваат и наделава. Досега не е постигнат напредок во однос на обврските предвидени со Договорот од 2 јуни за излез од кризата, а разговорите и натаму се одвиваат без транспарентно информирање на јавноста.
Повеќе ТУКА
