ИЗГЛАСАНИ ПОГОЛЕМИ КАЗНИ: Нов закон предвидува парични и затворски казни до три години

од Vladimir Zorba
424 прегледи

Германскиот Бундестаг донесе построги и подетални правила против корупцијата. Новиот закон сега го регулира однесувањето што претходно им дозволуваше на пратениците да избегнат санкции, пренесува германската новинска агенција (dpa).

Во исто време, истите правила важат за законодавците на сите нивоа на власт, вклучувајќи ги и германските европратеници.

Отсега, кривично дело е ако законодавецот ја злоупотребува положбата и угледот на својот мандат да влијае, на пример, на министерства и за тоа добива награда.

И двете страни во таквиот договор сега се соочуваат со парични казни и затвор до три години.

Владејачката коалиција инсистираше на промена на законот, меѓу другото, и поради скандалот со заштитните маски за време на пандемијата.

Освен социјалдемократите на канцеларот Олаф Шолц, Зелените и либералната ФДП, за законот од опозицијата гласаа и десничарската Алтернатива за Германија.

Воздржан беше демохристијанскиот блок ЦДУ/ЦСУ, со оценка дека одредени текстови од новиот закон се преблаги.

Досега законот предвидуваше казнување само на претставници кои добивале пари или други бенефиции за одредено однесување за време на мандатот, на пример за одреден говор во Собранието или гласање.

Сега казната е проширена и на дела кои не се ограничени само на работа во парламентот.

Во аферата со маски во 2020 година беа вклучени поранешни пратеници на ЦСУ кои заработија милиони од провизии за државната набавка на маски во раните фази на пандемијата.

Против нив подоцна беше покрената истрага поради сомневање за корупција, но според стариот закон не можеа да бидат казнети.

Слични содржини