Изградбата на гасоводот „Северен тек 2“ утрово беше целосно завршена, објави „Газпром“.
„На оперативниот состанок на „Газпром“ утрово, претседателот на управниот одбор Алексеј Милер објави дека изградбата на гасоводот „Северен тек 2“ е целосно завршена во 8:45 часот по московско време“, се вели во соопштението.
Претходно беше објавено дека проектниот оператор ја заврши инсталацијата на последната цевка од „Северен тек 2“. Компанијата очекува да го пушти во функција гасоводот до крајот на годината.
Според најавите на „Газпром“, годинава преку овој гасовод може да се испорачаат 5,6 милијарди кубни метри гас.
„Блумберг“ објави, повикувајќи се на неименувани извори, дека „Газпром“ планира да започне со испорака на гас преку првиот кара на „Северен тек 2“ од 1 октомври, и преку двата крака до 1 декември.
„Северен тек 2“ се состои од два крака на гасовод со вкупен капацитет од 55 милијарди кубни метри годишно и се протега од брегот на Русија преку Балтичкото Море до Германија.
Работата на гасоводот беше прекината во декември 2019 година, откако швајцарската компанија „Свис Олсис“ се откажа од поставување цевки поради заканата од САД со санкции.
Изградбата продолжи во декември 2020 година.