Измените на Кривичниот законик ги доживувам како навреда на сите професионалци кои се вложија во борбата со корупцијата, порача обвинителката Ленче Ристоска. Таа појасни дека голем дел од предметите застаруваат, а онаму каде што не е застапена застареноста, роковите се кратки, па обвинителите брзаат експресно да ги завршат. Конфискацијата на имот останува во сила, но обвинителката ја оцени како „полужива“. Вели, потребни се подобра меѓуинституционална соработка и политичка волја.
„Имаме кратки рокови, таму каде што не е застапена застареноста, тоа експресно да се заврши. Од друга страна, ресурсите се такви какви што се, не ни се унапредени состојбите. Во предметите во коишто сме вложиле многу и ресурси и енергија веќе тие предмети ни застаруваат голем дел од нив. За предметите во коишто јас постапувам во тек е анализа да видиме точно која ќе биде импликацијата на овие измени на Кривичниот законик“, изјави Ристоска.
Одговорност прво кај политичарите, а потоа кај сите други за да се промени општата перцепција на неказнивост, побара денеска вицепремиерката за борба со корупцијата, Славица Грковска. Според неа, наша домашна обврска е да ги поправиме работите за да функционираат институциите професионално.
„Ние прво сме граѓани на државата, а потоа се функциите. Имаме одлична соработка со сите институции. Сепак далеку сме од тоа да бидеме задоволни, имаме уште работа“, изјави Грковска.
Евроамбасадорот Гир вчера порача дека промените во Кривичниот законик можат да доведат до зголемување на неказнивоста.