Изненадување за фановите: Доаѓа продолжение на филмот што освои три Оскари во 2011 година

од Vladimir Zorba
8 прегледи

Петнаесет години по премиерата на филмот „Социјалната мрежа“, најавено е продолжение кое ќе се занимава со нови поглавја во приказната за една од највлијателните социјални мрежи денес.

Иако оригиналниот филм од 2010 година го режираше Дејвид Финчер, режијата на новиот дел ја презема Арон Соркин – сценарист на првиот дел и добитник на Оскар.

За разлика од претходниот филм, кој беше инспириран од книгата „Случајните милијардери“, продолжението има работен наслов „Социјалната мрежа 2“ и е базирано на серија истражувачки статии наречени „Досиејата на Фејсбук“, објавени во 2021 година од „Волстрит журнал“.

Овие текстови ги разоткриваат внатрешните проблеми на Мета (порано Фејсбук), вклучувајќи ги негативните ефекти од алгоритмите, ширењето на дезинформации и конфликтот помеѓу профитот и етиката.

Продолжението го продуцира „Сони Пикчрс“, а меѓу продуцентите се Тод Блек, Питер Рајс, Стјуарт Бесер и самиот Соркин. Глумечката екипа сè уште не е потврдена, а останува непознато дали Џеси Ајзенберг ќе ја повтори улогата на Марк Закерберг.

Ве потсетуваме дека првиот филм беше извонреден успех – заработи 226 милиони долари глобално и освои три Оскари, вклучувајќи го и оној за најдобро адаптирано сценарио. Освен Ајзенберг, во филмот глумеа и Ендру Гарфилд, Џастин Тимберлејк и Руни Мара.

Интересно е што Соркин зборуваше за можно продолжение уште во 2021 година, нагласувајќи тогаш дека ќе го сними само ако Финчер се согласи да режира. Сепак, во меѓувреме се предомисли и веќе почна да го пишува сценариото. Новиот филм е сè уште во рана фаза на развој, но со оглед на моменталната тематика и претходниот успех, очекувањата се големи.

Слични содржини