Израел: Елиминиран уште еден командант на Хезболах

од Vladimir Zorba
49 прегледи

Командантот на либанското движење Хезболах задолжен за комуникации, Мухамед Рашид Сакафи е убиен вчера во израелски воздушен напад врз Бејрут, соопшти денеска израелската армија (ИДФ).

Според соопштението на ИДФ, Сакафи го водеше одделот за комуникации на Хезболах од 2000 година и се сметаше за близок до раководството на движењето, објави „Тајмс оф Израел“.

„Сакафи направи значителни напори за развој на комуникациските способности меѓу сите единици на Хезболах во текот на сите периоди на операцијата за одржување на протокот на информации во рамките на целата терористичка организација“, додаде израелската војска.

Претходно, ИДФ објави дека израелската армија во голем воздушен напад врз главниот град на Либан, Бејрут, во текот на ноќта го нападнала седиштето на разузнавачката служба на либанската милитантна група Хезболах.

„Њујорк Тајмс“ и американскиот портал „Аксиос“ објавија дека цел на израелскиот напад на Бејрут бил Хашем Сафиедин, кој треба да биде избран за нов лидер на Хезболах откако Хасан Насрала беше убиен во израелски напад врз Бејрут на 27 септември, објави „Тајмс оф Израел“.

ИДФ соопшти дека девет израелски војници биле убиени во средата на неколку локации во јужен Либан.

Се посочува дека израелските војници пронашле оружје што Хезболах го оставил во селата во јужен Либан.