Израел го бомбардира Дамаск, шест лица загинаа, уништен иранскиот конзулат

Во израелскиот напад целосно е уништен Иранскиот козулат во Дамаск, а сите што биле во зградата се загинати или сериозно повредени.

од Бети Божиноска
248 прегледи

Шест лица загинаа денеска во израелски напад врз сирискиот град Дамаск. Нападот е извршен врз зграда во близина на иранската амбасада, јавува сириската новинска агенција САНА, додавајќи дека е причинета и голема материјална штета.

Израелските власти се уште не ги коментирале тврдењата на сириските медиуми.

Не поминаа ни 24 часа од последниот израелски напад врз областа Дамаск, а Израел во моментов повторно силно го гаѓа главниот град на Сирија. Природата на нападот и интензитетот на штетата се испитуваат во моментов, посочува САНА.

Агенцијата потврди дека „воздушната одбрана се соочува со непријателски напади во околината на Дамаск“.

РИА Новости, во меѓувреме, го пренесе соопштението од Сириското Министерство за одбрана, според кое во израелскиот напад настрадала зградата на Иранскиот козулат во Дамаск и дека сите што биле во зградата се загинати или сериозно повредени.

Во нападот, според извештајот на „Ројтерс“ кој се повикува на извор во либанските безбедносни служби, загинал високиот командант на иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ), Мохамед Реза Захеди.

Иранските медиуми потврдија дека во нападот била погодена зградата на Иранскиот козулат, и додадоа дека цел на нападот била и резиденцијата на иранскиот амбасадор во Дамаск, Хосеин Акбари, кој не е повреден во нападите.

Слични содржини