Комисијата на Министерството за здравство на Израел за вакцинација доцна синоќа одлучи трета доза од вакцината против коронавирусот да им се даде на постарите граѓани за да не се разболат сериозно од ковид-19.
На повеќечасовниот состанок, апсолутното мнозинство од членовите на комисијата изразија верување дека ова е вистинската одлука за израелската возрасна популација, иако третата доза се уште не е одобрена од Американската администрација за храна и лекови (ФДА) .
Претходно оваа недела, премиерот Нафтали Бенет навести дека ќе се донесе таква одлука, но комисијата не се согласи дали третата доза треба да се даде само за оние на возраст од 70 години и постари или постари од 60 години. Таква одлука ќе донесе генералниот директор на Министерство за здравство Намах Еш во наредните денови, објавија медиумите.
Израелските здравствени експерти гласаа за третата доза, еден ден откако фармацевтскиот гигант „Фајзер“ објави дека истражувањето покажало дека третата доза ги зголемува антителата кај оние кои ја примиле од пет на 11 пати. Компанијата изрази надеж дека ќе добие одобрение за итна употреба на вакцината во август.