Израелските разузнавачки аналитичари тврдат дека палестинската милитантна група Хамас во моментов држи уште 51 израелски заложник, а сите останати се веќе мртви, иако израелските власти тоа официјално не го соопштија, објавија денеска израелските медиуми.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред два месеци на сослушување пред комисијата на Кнесетот изјави дека „половина од заложниците се живи“, пишува весникот „Израел Хајом“.
Податоците на кои се повикува Нетанјаху се засноваат на информации собрани од различни извори во периодот од 7 октомври минатата година кога Хамас го нападна јужен Израел.
Тоа значи дека 50 израелски заложници одведени во Појасот Газа повеќе не се живи, иако официјално е објавено дека досега загинале 37 заложници.
Израел започна напади врз Појасот Газа, со цел да го уништи Хамас откако борците на исламистичката група упаднаа во јужен Израел на 7 октомври лани, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи повеќе од 250 заложници, според израелските податоци.
Оттогаш, речиси 40.000 Палестинци се убиени во израелската офанзива во Појасот Газа, според Министерството за здравство на Палестинската територија под контрола на Хамас. Повеќе од 2,3 милиони Палестинци, пак, се раселени како резултат на воените операции на израелската армија и живеат во услови на хуманитарна катастрофа.