Израел вакцинираше 600 деца со Фајзер, засега нема несакани ефекти

од Nikola Popovski
263 прегледи

Стотици деца на возраст меѓу 12 и 16 години кои ја примиле вакцината Фајзер во Израел не добиле сериозни несакани ефекти, изјави за Гардијан висок здравствен службеник, што е еден од првите знаци дека вакцинацијата на малолетници може да биде безбедна. Премиерот Бенјамин Нетанјаху на почетокот на март рече дека Израел е првата земја во светот што излезе од пандемијата на коронавирус, благодарение на брзата и ефективна кампања за вакцинација.

Израелското Министерство за здравство препорача да се вакцинираат тинејџерите кои страдаат од хронични болести, кои се во поголема опасност доколку се заразат коронавирус.

„Досега имунизиравме околу 600 деца. Не видовме некои поголеми несакани ефекти, дури и помалите несакани ефекти беа многу ретки. Тоа е охрабрувачки“, рекол Боаз Лев, шеф на тимот за имунизација.

Во Израел, повеќе од половина од вкупното население од 9,3 милиони луѓе биле вакцинирани со првата доза на вакцината Фајзер / Бионтек, а скоро 40 проценти од нив ја примиле втората доза, повеќе отколку во која било друга земја во светот.

Израелскиот премиер најави дека економијата ќе се врати во целост на вистинскиот пат до 5 април, но здравствените власти во таа земја не го делат целосно неговото верување, бидејќи предупредија дека новите соеви на вирусот можат да ги нарушат плановите за брзо враќање во нормален живот.

Слични содржини