Израелските органи на редот уапсија неколку осомничени во врска со протекувањето на доверливи документи од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кои содржат доверливи информации за војната во Газа, објавија израелските медиуми.
Судијата Менахем Мизрахи од Судот во Ришон Лезион делумно ја укина забраната за објавување информации за инцидентот.
„Неколку осомничени се донесени на сослушување и истрагата е во тек“, рече тој без да даде повеќе детали.
Исто така, се наведува дека минатата недела израелската разузнавачка служба Шин Бет, полицијата и израелските вооружени сили започнале „отворена фаза“ на заедничка истрага за наводно „прекршување на националната безбедност предизвикано од незаконско објавување доверливи информации“.
Според судијата, протекувањето претставувало ризик за „чувствителни извори на информации и разузнавачки информации“ и може да им наштети на напорите за постигнување на „целите на војната во Појасот Газа“.