Израелците усмртија шест деца во Газа додека чекале во ред за вода: „Целта ни беше терорист, дојде до техничка грешка“

од Nikola Popovski
7 прегледи

Десет лица, меѓу кои шест деца, беа убиени во израелски воздушен напад во централниот дел на Појасот Газа додека чекаа во ред за вода, објавија службите за итни случаи во неделата, пренесува „Би-Би-Си“.

Телата на загинатите беа пренесени во болницата Ал-Авда во Нусејрат, каде што беа згрижени и 16 ранети, меѓу кои седум деца, потврдил еден од лекарите.

Очевидци тврдат дека дронот испалил проектил кон група луѓе кои чекале со празни канистри покрај резервоарот за вода во бегалскиот камп Ал-Нусејрат.

Израелската армија објави дека дошло до „техничка грешка“ за време на нападот, чија цел бил „терорист“, член на Исламски џихад, и дека проектилот паднал неколку десетици метри од целта. Инцидентот, додадоа тие, моментално е под истрага.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштиле дека се свесни за „тврдењата за жртви во областа“, додавајќи дека прават сè за „што е можно“ да ги намалат цивилните жртви и дека жалат за сите цивилни жртви кои не биле вклучени во конфликтот.

Непроверени снимки на кои се гледаат крвави деца и безживотни тела се појавија на социјалните мрежи по нападот. Жителите се упатиле кон местото на настанот и почнаа да ги евакуираат ранетите со свои возила и колички.

Нападот се случува во време кога израелските воздушни напади низ Газа беа дополнително интензивирани.

Портпаролот на Цивилната одбрана на Газа изјави дека уште 19 Палестинци биле убиени во три одделни напади врз станбени згради во централниот дел на Појасот Газа и градот Газа во неделата.

Во меѓувреме, Меѓународниот комитет на Црвениот крст објави дека нивната теренска болница во Рафа, јужна Газа, третирала повеќе масовни жртви во последните шест недели отколку во сите претходни 12 месеци. Исто така, се наведува дека 132 ранети лица „со повреди предизвикани од оружје“ пристигнале во болницата во саботата, од кои 31 лице починало.

„Огромното мнозинство“ од пациентите имале прострелни рани, а „сите свесни пациенти“ рекле дека се обидувале да стигнат до точката за дистрибуција на храна.

Меѓународниот комитет на Црвениот крст објави дека од 27 мај, кога беа отворени новите пунктови за дистрибуција на храна, болницата лекувала повеќе од 3.400 пациенти ранети од оружје и регистрирала повеќе од 250 смртни случаи, што е повеќе од минатата година во таа болница. „Фреквенцијата и обемот на овие масовни жртви предупредуваат на ужасните услови во кои секојдневно живеат цивилите во Газа“, соопшти Меѓународниот комитет на Црвениот крст, пренесува „Би-Би-Си“.

Слични содржини