Израелската армија денеска ја информира јавноста дека привела „десетици терористи“ во областа на болницата „Кемал Адван“, во северниот дел на Појасот Газа, јави ДПА.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија снимка на која се гледаат оскудно облечени Палестинци како го ставаат оружјето на земја.
Во соопштението на ИДФ се наведува дека армијата, во соработка со израелската домашна разузнавачка служба Шин Бет, лоцирала зграда што ја користи Хамас во близина на болницата „Кемал Адван“. Во текот на операцијата, израелските сили се судрија со неколку вооружени милитанти од областа, од кои некои беа убиени.
Според военото соопштение на израелската армија, во операцијата на ИДФ се предале околу 70 борци на Хамас.
Снимката објавена денеска наликува на снимката од минатата недела која предизвика негодување затоа што покажува дека Палестинците во долна облека се уапсени во Појасот Газа, забележа ДПА.
Во меѓувреме, палестинското Министерство за здравство извести дека бројот на убиени Палестинци во енклавата од израелската офанзива достигна 18.787, пренесоа британските медиуми.