Израелски војници денеска убија девет Палестинци на Западниот Брег, соопшти палестинското Министерство за здравство.
Со нивната смрт, бројот на загинати на Западниот Брег од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, кој владее со Појасот Газа, се зголеми на 77, пренесоа агенциите.
Меѓу убиените има и двајца малолетници.
Четворица Палестинци се убиени за време на напад на израелската војска во бегалскиот камп Нур Шамс во Тулкарм, се прецизира во соопштението. Очевидци изјавија дека кампот бил нападнат со дрон. Израелските медиуми јавуваат дека во судирите се ранети десет војници.
Тензиите ескалираа низ палестинските територии поради израелските напади врз Појасот Газа по прекуграничниот упад на милитантите на Хамас, поддржан со ракетни истрели врз израелските погранични населби.
Најмалку 1.400 луѓе загинаа во Израел, а 3.785 во Газа, како што е соопштено денеска.
Израелските воздушни напади денеска беа насочени кон позиции низ Појасот Газа, вклучително и делови од југот каде што израелската војска им порача на Палестинците да се евакуираат.
Ова го зголеми стравот на повеќе од два милиони жители на Газа дека никаде не се безбедни, коментираат медиумите.
Во меѓувреме, палестинските екстремисти продолжија да го ракетираат Израел.