Израелските војници утрово ги демолираа куќите на двајца обвинети Палестинци за смртоносниот напад со секира во градот Елад во централен Израел во кој загинаа тројца Израелци.
Асад Хусаф Асад ал-Рифаи (19) и Субхи Емад Сбеихат (20) во тој напад раниле и неколку лица.
Тие се уапсени во шума на околу еден километар од местото на убиството по потера која траела 60 часа, јавуваат израелските медиуми.
Доцна синоќа израелската армија влезе во градот Румана на Западниот Брег за да ги сруши домовите на напаѓачите, а денеска беа објавени видео снимки на кои се гледа како куќите се уриваат со воени булдожери.
За време на уривањето, избувнаа немири и стотици Палестинци фрлаа гранати и петарди и запалија автомобилски гуми, а војниците одговорија со „мерки за контрола на немирите“, се вели во военото соопштение.
Ниту еден од војниците не беше повреден, а четворица барани Палестинци беа уапсени во одделни рации низ окупираниот Западен Брег.
Двајцата напаѓачи, Ал Рифаи и Сбејхат, беа обвинети во јуни за тројно убиство, пет обиди за убиство и илегален влез во Израел.
Вообичаено е Израел да ги урива домовите на Палестинците обвинети за смртоносни терористички напади, но ефикасноста на таквата мерка е доведена во прашање дури и меѓу безбедносните службеници, додека активистите за човекови права ја критикуваат како неправедна колективна казна.