Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант денеска за време на обиколката на границата со централна Газа изјави дека израелските сили нема наскоро да ја напуштат палестинската енклава.
„Терористите кои почнаа да го одбројуваат времето до повлекувањето на израелските сили, треба да го променат системот за пресметка и да почнат да одбројуваат до крајот на својот живот, кој доаѓа наскоро“, рече Галант.
Израелскиот министер за одбрана нагласи дека операциите на израелските сили на север и југ од Појасот Газа се развиваат поволно, додека борбите во центарот на енклавата ги нарече „интензивни“, пишува Тајмс оф Израел.
„Силите работат над земја и под земја, уништувајќи ја централната инфраструктура на организацијата Хамас, вклучително и местата каде Хамас ги произведуваше сите свои проектили и ги снабдуваше низ Појасот“, заклучи Галант.