Израелскиот преговарачки тим ја напушта Доха: Хамас е виновен

од Симе Стоиков
225 прегледи

Израел ги отповика своите преговарачи од Доха откако разговорите за привремено примирје во Појасот Газа „западнаа“ во ќорсокак поради барањата на Хамас, изјави денеска за Ројтерс неименуван висок израелски функционер близок до шефот на Мосад.

Официјалниот претставник го обвини лидерот на Хамас во Газа, Јахја Синвар за „саботирачка дипломатија“ како дел од, како што рече, пошироките напори да се разгори војна за време на Рамазан.

Израелски официјален претставник изјави дека Израел се согласил да го удвои бројот на Палестинци што ќе ги ослободи од израелските затвори на 700 до 800 во замена за ослободување на заложниците и да дозволи некои раселени Палестинци да се вратат во северниот дел на Појасот Газа.

Израел и Хамас ги зајакнаа разговорите, со посредство на Катар и Египет, за шестнеделен прекин на израелската офанзива во замена за ослободување на 40 од 130-те заложници кои сè уште ги држи палестинската милитантна група во Газа.

Хамас побара договорот да стави крај на борбите и повлекување на израелските сили, како и враќање на раселените Палестинци на северот од Појасот Газа.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска соопшти дека Хамас поставил „илузорни“ барања, кои според нив покажуваат дека Палестинците не се заинтересирани за договор.

Хамас го обвини Израел за застој во преговорите додека ја извршува својата воена офанзива. Израел во понеделникот објави дека ќе ја продолжи воената операција за уништување на Хамас.

Слични содржини