Северна Македонија во последниве години континуирано постигнува напредок во однос на слободата на медиумите иако не е кохерентен и донекаде е ограничен, е главниот заклучок од Извештајот од Мисијата за проценка на состојбата со слободата на медиумите насловен „Слободата на медиумите во Северна Македонија: напредок на стаклени нозе“.
Во извештајот се дадени наодите и препораките што произлегуваат од меѓународната мисија за проценка на медиумската состојба во земјава што се одржа од 5 до 7 јуни годинава во организација на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ). Проценката на состојбата ја вршеа Европскиот центар за слободата на печатот и медиумите (ЕЦПМФ), Европската федерација на новинари (ЕФЈ), Фри прес анлимитид (ФПУ), Меѓународните институт за печат (ИПИ) и Обсерваторијата за Балкан и Кавказ Трансевропа (ОБЦТ) кои одржаа состаноци со носителите на одлуки во земјава релевантни за медиумскиот сектор.
Генералниот секретар на ЕФЈ Рикардо Гутиерез на денешниот настан во рамите на Деновите на медиумската писменост во Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) посочи дека во извештајот има позитивни наоди за работата на новинарите, но, како што рече, „постои простор во јавниот интерес во земјата што ги води јавните служби да донесат погрешни одлуки за вистинските работи“.
Нагласи дека политичарите не ги консултираат здруженијата на новинарите при носењето на одлуките и додаде дека треба да го прават тоа за да носат вистински решенија.
Во извештајот се посочува дека новинарите и натаму се соочуваат со тешкотии поврзани со нивната безбедност и се загрижени за говорот на омраза и негативното етикетирање на новинарите и медиумските работници. Условите за работа, како што се истакнува и натаму остануваат неприфатливо лоши за многу новинари не само во однос на нивната плата и работниот статус, туку и во однос на почитувањето на нивните работнички права. Медиумите се барат за опстанок на мал и заситен пазар, каде, како што се нагласува“, „плурализмот е под закана поради непромислениот притисок за повторно воведување на државното рекламирање“.
Се препорачува да се направи јавен фонд за поддршка на медиумите врз основа на објективни критериуми и со целосна независност, во согласност со постојните европски стандарди, да се задржи строгата забрана за државно рекламирање во медиумите, да се засили надворешниот мониторинг врз судовите, да се подобрат работните услови за новинарите и да се подобри одговорноста на политичарите и јавните службеници за непријателските изјави и однесување кон новинарите и медиумските работници.
Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) Младен Чадиковски порача дека сега е вистинското време да се дојде до вистински системски решенија. Во спротивно, како што кажа, многу лесно од 38. Место можеме повторно да се вратиме на 128.место по слободата на медиумите како што беше во 2015 година.