Извештајот на ЕК нотира дека во Македонија нема сериозна посветеност на реформи, нема отчетност и вистински решенија, вака ВМРО-ДПМНЕ го оценува документот што вчера го престави еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.
За ВМРО-ДПМНЕ, се нотираат ад хок решенија наместо системски реформи на законодавството.
-Имено ова може да се забележи дозволувањето на нео-фашистички центри во сите градови од Македонија и историски ревизионизам. ЕК јасно нотира дека се потребни решителни напори за да се изгради динамика за реформи и придвижување во процесот на преговори со ЕУ. Потребен е особен фокус за да се обезбеди ефективна имплементација на постојното законодавство, наместо да се покренуваат ад хок иницијативи.
Извештајот го нотира и самоволието на Џафери, и неодговорноста во Собранието. Имено ЕК нотира отсуството на отчетност, што јасно се гледа низ повеќемесечно незакажување на седници за пратенички прашања во Собранието. Криење од опозицијата и граѓаните, истакнаа утрово од најголемата опозициска партија преку соопштение.
Важна година за Северна Македонија
Во претставувањето на извештајот за Северна Македонија, Вархеји рече дека за земјата оваа година е важна поради почетокот на преговарачкиот процес.
„Северна Македонија го започна преговарачкиот процес со првата меѓувладина конференција, што требаше да се случи одамна. Ова е чекор напред за земјата, Северна Македонија покажа решителност и постојан напредок“, рече Вархеји.
Еврокомесарот истакна дека е важно земјата да го задржи темпото на реформи и да ги искористи предностите на процесот на скрининг, со цел да го искористи својот потенцијал за забрзување на реформите.
Извештајот го поздравува целосното усогласување на Северна Македонија со надворешната политика на ЕУ, особено кога станува збор за Украина.