Годишниот извештај на Европската комисија (ЕК) за земјите кандидати за ЕУ за 2025 година најверојатно ќе биде презентиран на почетокот на ноември, објави денес подгорички „Вијести“, повикувајќи се на извори од администрацијата во Брисел.
„Закажан е за почетокот на ноември, но засега тоа е само приближно време“, изјави Комисијата за весникот од Подгорица кога беше прашана кога ќе биде презентиран новиот извештај за Црна Гора и другите земји кандидати.
Во овој документ, Европската комисија го оценува напредокот на секоја земја кандидат во исполнувањето на критериумите за членство, особено во областите на владеењето на правото, демократијата, институциите, јавната администрација, економијата и усогласувањето со законодавството на ЕУ.
Извештајот дава препораки што земјата треба да ги исполни во наредната година, посочува слабости и области што бараат поголем ангажман.