Специјалниот известувач на Обединетите нации за состојбата со човековите права на окупираните палестински територии, Франческа Албанезе денеска изјави дека никогаш не можела да замисли дека светот ќе биде сведок на масовно гладување во 21 век.
„Никогаш не би помислила дека ќе бидеме сведоци на масовно гладување од вакви размери во 21 век. Но, тоа го гледаме во Газа, по 100 дена бомбардирање – не дозволувајќи доволно залихи на храна, вода и гориво. Прво умираат децата, а потоа возрасните и тоа пред наши очи“, изјави Албанезе на платформата Икс (Твитер).
Таа апелираше до Израел.
„Мојата молба до Израел е – не можеме да го направиме ова без вас. Апсолутно ја разбирам вашата болка, вклучувајќи ја и болката на заложниците што се уште се во Газа. Но, ве молам, не го игнорирајте обемот на уништувањето во Газа, особено врз децата. Половина од населението е заглавено во овој ужас. Никој не е безбеден“, истакна таа.