Европската унија (ЕУ) воведе санкции против иранска компанија и тројца ирански генерали за поткопување на територијалниот интегритет на Украина со испорака на дронови на Русија за употреба во војна.
Русија е обвинета за бомбардирање на електрани и друга инфраструктура со дронови „Шахед“ од Иран.
Како одговор, ЕУ воведе замрзнување на имотот на „Шахед“ авијациската индустрија во Иран, како и замрзнување на имотот и забрана за патување на тројца службеници, кои исто така се осомничени за врски со иранската програма за беспилотни летала.
Во соопштението од Брисел се наведува дека санкциите се „сигнал за решеноста на ЕУ брзо и решително да одговори на иранските акции кои ја поддржуваат руската агресија врз Украина“.
Иран ги отфрли обвинувањата дека испратил проектили и дронови во Русија за да ги користат руските сили во инвазијата на Украина.