Јагнешкото месо како традиционален дел од велигденската трпеза оваа година нема да биде достапно за сите, или барем не во поголеми количини. Во некои од големите трговски ланци се продава за цена од најмалку 390 денари за килограм, но подеднаквo голем е и делот на продавници и месарници во кои ова месо со денови наназад го нема во понудата. Според купувачите, најсигурен начин да се обезбеди јагне за претстојните празници е претходно да се резервира кај вработените во одделот за месо и месни преработки и тоа по цена од 420 денари. Износот кој треба да се издвои велат, не е мал , па оттука јагнешкото месо овој пат ќе “има третман’’ на деликатес.

Повеќе одговори во однос на актуелната ситуација “локално “ побара од неколку страни кои се инволвирани во овој бизнис, меѓу кои е и Спасе Поповски – сопственик на месарница “Изгрев’’. Според него, за велигденските празници нема да има доволно месо по месарите и продавниците.

“Пoнудата единствено ќе биде подобра во Скопје. Од друга страна, во Тетово, Куманово, Струмица и Битола нема јагнешко месо на сточните пазари. Понудата не е доволна ниту во прилепско’’, вели Поповски. Како главна причина го наведува фактот дека сточарите во овие региони веќе не одгледуваат јагниња.

Актуелната ситуација која воопшто не е розова покажува дека фармерите кои порано држеле 200 глави сега држат едвај 100.„Нема веќе сточарство, тоа пропаѓа’’, вели за “локално”, Изет Рустеми од Дебар , еден од ретките кој сеуште се занимава со одгледување јагниња. Наведува неколку фактори, меѓу кои како покачените трошоци, како на пример цената на зобот која сега изнесува 20денари . Според него, подеднакво негативно влијание има и ситуацијата од претходните години кога цената за килограм жива мера јагнешко месо била премногу ниска и се движела од 120 -130 денари.

“Ова беше неисплатлво за нас сточарите поради што помладите ја напуштија оваа дејност и се отселија во градовите или пак во странство’’, вели Рустеми.

Како позитивна промена го посочува фактот дека оваа година малку се покачила цената на јагнешкото месо и таа сега изнесува 200 денари жива мера, но како што заклучува сега е премногу доцна бидејќи веќе нема доволно јагниња.Во меѓувреме голем дел од сточарите биле принудени да ја заколат стоката што веднаш се почувствувало на сточните

пазари низ државата, како на пример во Тетово каде деновиве немало воопшто стока. Од друга страна, кланиците во Скопје се полни, но познавачите на состојбите не можат да проценат до кога ќе има доволна понуда

“Доколку јагнешкото месо се продава по цена која е прифатлива, односно по цена која ќе ни ги покрие трошоците и ќе ни донесе барем минимална добивка, многу луѓе би одлучиле да ги одгледуваат овие животни.Сегашната цена е прифатлива и сметам дека јагнешкото не треба да се продава за износ помал од три евра за килограм. Во спротивно, оваа сточарска гранка ќе пропадне. Жално беше кога го откупуваа за 100 -110 денари. Недоволни беа и субвенциите, некои дури и не успеаа да ги земат, па оттука крајниот ефект беше очекуван’’, вели Рустеми.

Неговиот став го споделува и Даут Думани, претседател на Здружение за земјоделие и екологија . Според него, многу работи треба да се сменат во овој бизнис, но пред се на сточарите треба да им се гарантира цена доколку сакаме да имаме поголемо производство.

“Само оваа година цената е малку подобра, во текот на претходните, месото се продаваше речиси без пари. Тоа е спасот.За сточарите е многу подобро да имаат добар пласман отколку да земаат субвенции’’, вели Думани.

Посочува дека најмногу јагниња биле продадени за време на католичкиот Велигден. Во изминатите неколку недели биле извезени дури 80% од јагнињата и тоа во Италија, Грција, Србија и во Бугарија. “Сега е останата втора класа, поситните, нешто се чува и за приплод, а остатокот го земаат кланиците за цена од 200 денари за килограм’’, вели Думани истакнувајчи ја како особено важна потребата од зачувување на сточарството во државата,заради големата побарувачка на македонското јагне. “Нашето јагнешко месо е био,се одгледува номадски, не е шталско, поквалитетно е и поприродно’’, објаснува тој што според него е и повеќе од доволен аргумент надлежните да ги превземат сите мерки во насока на спас на оваа гранка.

К.В.С.

Слични содржини