На прес-конференциајта во партиското седиште на ГРОМ, челникот на партијата Стевчо Јакимовски, се задржа на интервјуто на Ванхауте за Дојче Веле“, во коешто, како што оцени, „тој неочекувано го раскажа целиот заговор“.

„Маските конечно паднаа. Оние што го пратиле Ванхауте во валканата мисија, не успеаја. Во состојба на очај и немоќ на крајот од својата мисија господинот европски дипломат го кажа планираниот заговор. Во своето интервју тој признава дека изборите нема да решат ништо, свесен дека владејачката коалиција ќе остане на власт и дека не успеале да го кренат рејтингот на неспособниот СДСМ“, потенцираше лидерот на ГРОМ, Јакимовски.
Јакимовски изрази благодарност до Ванхауте „кој си ја отвори душата, и овој пат не преку мачката, туку директно го соопшти заговорот и неговите извршители“
„Така, македонските граѓани сега имаа убава прилика него да го препознаат, и за ова, својата благодарност да му ја изразат прогласувајќи го за персона нон грата“, порача Јакимовски.
Јакимовски рече дека токму поради овие причини дипломатот бара нова алтернатива во ад-хок техничка влада со мандат од најмалку две до три години, додека на СДСМ не му се поткрене рејтингот и верувале или не, истакна Јакимовски, тој истиот бара меѓународна интервенција во суверена и независна Република Македонија.
„Тоа нема да ви мине. Ние Македонците чекавме еден милениум да имаме сопствена држава и цели 25 години, ги трпиме вашите понижувања“,порача Јакимовски.
„И кога сме кај историјата, која му е најнова играчка, покрај мачките, во ова интервју, ја кажува најголемата навреда за македонскиот народ со реченицата ‘и децата притоа мора да учат фалсификувана историја’, праша Јакимовски.
„Ова е истиот оној термин кој веќе седум децении го употребуваат Бугарија и Грција. Термин кој ни е рак- рана и за кој животите ги положија илјадници македонски патриоти. Дали е сега јасно што ГРОМ предупредуваше? Уште пред една година велевме дека странските разузнавачки служби, преку СДСМ сакаат да воспостават квинслишка власт која ќе им служи на туѓи интереси,и меѓудругото да ја ревидираат наводната фалсификувана македонска историја“, потсети челникот на ГРОМ.
Јакимовски порача дека Република Македонија е место за „понормални“ политичари и дипломати, кои и покрај тоа што ја сфаќаат политиката за валкана работа, би требало да имаат барем трошка човечко чувство.
„Во моментот кога мечката му игра во сопствениот двор во Брисел, кога му гинат недолжни сограѓани, тој се дрзнува да бере туѓи гајлиња, за туѓи истории и тоа наводно од понеделник ќе го правел бесплатно. Затоа ГРОМ прашува: До каде оди лицемерието на бриселскиот дипломат?!“, заклучи Јакимовски