Клучот за компромис е кај Бугарија. Само доколку одредена политичка елита во Бугарија се вразуми и отстапи од своите апсурдни барања околу идентитетските прашања за јазикот, историјата и тоа дека сме „народ настанат од 1940-те“ и да не гледаат на историските настани од денешна перспектива, туку да се остави да бидат толкувани автентично, само во таков случај ние треба да седнеме и да разговараме. Се друго за нас би било самонегирање и доведување во потчинета положба, па колку и да се развлече процесот. Таман и од ЕУ ни кажаа дека засега можат да ни понудат волја за преговори, а не преговори, па не гледам зошто би ни се брзало, вели во разговор за „Локално“, политикологот и аналитичар, Виктор Јакимовски.
Кога сме кај Уставот, Јакимовски има дилема.
– Од една страна, ние сите етникуми ги ставивме во нашиот Устав, па не гледам зошто не би ги ставиле и Бугарите. Но, од друга страна тоа би значело дека нам друга држава ни наложува уставни измени, што задира во нашата сувереност, иако ова нема да биде прв пат. Така да, без разлика какви и да се предлог решенијата, сметам дека пред било што да биде потпишано, да биде отворена една широка јавна дебата и да не се прави никаков договор без притоа да постои општа согласност и од јавноста и помеѓу најголемите партии во државата, смета Јакимовски.
Според него Бугарија не е осамена во позицијата кон Македонија и повеќето земји во унијата не сакаат проширување.
– Доколку постоеше волја Македонија и Албанија, бидејќи се во пакет, да ги започнат преговорите со ЕУ, Бугарија ќе беше под голем политички притисок што веројатно тешко ќе го издржеше. Бугарија можеше со истите овие позиции да не блокира и во процесот на зачленување во НАТО, но постоеа други поголеми геополитички интереси и тогашната бугарска власт паметно оцени дека таму не им е потребна таква авантура, вели тој.
Јакимовски е дециден дека и ЕУ се наоѓа во тешка положба.
– Пораката на Борел дека може да вети волја за преговори, а не преговори, во овие моменти само ја отсликува ситуацијата во која е ЕУ – растегната помеѓу внатрешните проблеми во неа, реформите кои сакаат да ги спроведат и ситуацијата со Украина која прави и економски проблеми. Затоа кога веќе со Договорот од Преспа испаднавме поголеми губитници од добитници, да се фокусираме овој договор да не заврши неславно, бидејќи во спорот со Бугарија можеме да изгубиме многу повеќе, отколку што беше ситуацијата во спорот со Грција, заклучува аналитичарот.
Политикологот смета дека нашиот проблем со Бугарија не е налик на оној со Русија и Украина, а оттука Бугарија да се чувствува воено загрозена и да мора воено да интервенира.
– За официјален Кремљ е од круцијално значење Украина да се согласи на воена неутралност и тоа е една од неколкуте причини кои го натераа Кремљ да тргне во „решавање“ на работите по воен пат, откако преговорите од пред неколку месеци не успеаа. Бугарија и Русија се поклопуваат само во делот на тоа како гледаат, едната кон Македонија, другата кон Украина, односно дека Македонија и Украина се вештачки творевини, едните ги создал Тито, другите Ленин, македонскиот и украинскиот народ се одродени народи од нивните матици итн., додавајќи дека бугарските ултиматуми кои се појавија при нашето барање за започнување на преговори со ЕУ се апсурдни, преку кои се забележуваат идеите од XX век во однос на македонското прашање.
Смета дека односите не можат да бидат заострени повеќе од тоа што се во дипломатска, економска или во билатерална смисла меѓу Русија и САД, а веројатно поголемо заострување од ова би значело само воено конфронтирање.
– Сепак вербални препукувања, повикување на амбасадори на разговор, во најлош случај можеби прекинување на дипломатски односи на некоја од земјите членки на ЕУ или НАТО со Русија веројатно е да се случат, но за нешто повеќе не верувам дека би дошло да се размислува. Но, на крајот од денот и Путин е човек, и зависи како тој или неговото его ќе го прифати фактот дека некоја држава, го прогласила за воен злосторник, што овој проблем го сведува и на индивидуално ниво, додава тој.
ЕУ и Западен Балкан веќе почнаа да ги чувствуваат последиците, а според него порастот на цените на гасот и нафтата дефинитивно ќе бидат главоболка за 90% од земјите во Европа, а тука се и цените на основните прехрамбени продукти како брашното и маслото.
– Внатре во ЕУ помеѓу земјите-членки повторно се јавија поделби околу набавката на руски гас и воведувањето санкции кон Русија, па во таа насока Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ може да биде предизвикана по одредени прашања. Земјите кои во голема мера се зависни од рускиот гас, а се членки на НАТО или ЕУ, меѓу кои и ние, ќе мора да бараат некакви „креативни“ привремени решенија. Русија е најголемиот светски извозник на пченица и на сончоглед, а Украина е петта, односно втора на листата, па со војната во Украина и санкциите на Русија дефинитивно се предизвика дисбаланс и на цените и на резервите. Доколку се земе во предвид дека оваа година е пропадната година и за украинското земјоделство, тогаш и во тој дел ќе ги чуствуваме последиците.
Тој потенцира дека главен ефект од војната во Украина е што ќе се случат големи геополитички поместувања .
– Од моментот на влегувањето на руските тенкови во Украина, во ист момент со нив светот влезе во нова реалност. Не се исклучува и можноста поради одвлекување на вниманието за случувањата во Украина, „мистериозно“ да се појават некои нови инциденти низ светот, вели Јакимовски.
Според аналитичарот судбината на Одеса може да биде пресвртница во целата настаната ситуација, прашање е само што ќе претставува приоритет за Русија.
– Со евентуално руско завземање на Одеса, руската војска ќе може да ја отсече Украина од Црното Море и да се спои со про-руските сепаратисти во Транснистрија (Приднестровие), што би значело предност за Русија. Со ова Русија без сомнение ќе го загрози и оној минимален баланс на моќ во Црното Море кој остана по анексијата на Крим, нешто што нема да и се допадне на Турција која би можела, не по своја волја, да биде вовлечена во конфликтот, па дури и до степен конечно да биде испровоцирана странска интервенција во тој дел од Украина. Друга опција е Русија да ја искористи Одеса во преговорите со Украина, на начин што Украина би го признала Крим како руска територија, а за возврат Одеса би била поштедена од завземање и штети или во друга ситуација подоцна да и биде отстапена на Украина. Економската причина исто така не е незанемарлива. Со евентуалното завземање на крајбрежјето ќе бидат завземени и Ексклузивните Економски Зони (ЕЕЗ) на Украина, во кои има потврдено дека постојат наоѓалишта на гас, посочува Јакимовски.
Институција како Меѓународниот суд за правдата не функционира тврди дека нема функција како национален суд,
– Ништо значајно не се случи ниту по интервенциите во Грузија, ниту по анексијата на Крим, така да не верувам дека нешто ќе смени и сега. Во случај кога меѓународното право го крши државата која има најмногу нуклеарни бомби и е членка на Советот за безбедност на ОН не гледам како би ја принудиле или во овој момент како тоа нешто би и влијаелно на нејзината репутација, заклучува тој.
М.А.