Јакимовски: Изборот помеѓу помалото и поголемото зло не е избор

Тој додаде дека нема да дозволи ниту еден граѓанин на Република Македонија да биде малтретиран и дека ќе стори се да ги заштити граѓаните од надворешните влијанија и непринципиелните напади и разни црни листи.

од Бети Божиноска
299 прегледи

„Моите политики се исправни и се во интерес на сите граѓани без оглед на вера, нација и материјална состојба и го опфаќаат секој човек. Одлучив да се кандидирам за претседател на Република Македонија како круна на моето 37-годишно активно бавење со политика,“ порача Стевчо Јакимовски на конвенцијата на коалицијата „Храбро за Македонија“.

Коалицијата предводена од ГРОМ, ПЦЕР и ИНТЕГРА официјално го промовираше Јакимовски за свој претседателски кандидат на претстојните претседателски избори.

„За разлика од други политичари сметам дека ми е предност што сум бил политичар и во социјалистичкото општество зашто знам како изгледа како изгледа уредена и сериозна држава. Зад некои кандидати стојат големи партии ама за жал знаењата им се мали, за разлика од нив нашите партии се мали, но знаењето ни е големо. Ќе им дадеме понуда на граѓаните да имаат избор, зашто изборот помеѓу помалото и поголемото зло не е избор,“ рече Јакимовски.

Тој нагласи дека претседателот на државата ни случајно нема да биде протоколарна функција зашто, како што посочи, ќе биде соочен со големи притисоци, со промени на чудни закони и на Уставот и притисок да се откажеме од идентитетските прашања.

„Граѓаните веќе можеа да ме тестираат дали подлегнувам на уцени и закани. Можеа да видат дека ни Америка ни свети Америка, кога е во прашање Република  Македонија, нема да ме натераат ни милиметар да отстапам и дека се што имам да и кажам ќе и кажам зашто чесно и поштено си ја вршам својата функција,“ рече Јакимовски и додаде дека и дрогата и криминалот и целата декаденција што ни дојде во земјава дојде токму од дружбата со Америка.

Тој додаде дека нема да дозволи ниту еден граѓанин на Република Македонија да биде малтретиран и дека ќе стори се да ги заштити граѓаните од надворешните влијанија и непринципиелните напади и разни црни листи.

На црните листи, нагласи тој, почнаа да ни ставаат и стопанственици кои ни вработуваат по неколку илјади вработени и праша кој ќе ги вработува граѓаните ако „нив ги даваме како на кланица“.

„Во надворешната политика ќе ги јакнеме нашите позиции во НАТО структурите и ќе ги исполнуваме условите за влез во Европската Унија, но со јасно инсистирање за поголем респект кон нашата држава и јасно ставање до знаење на ЕУ и стратешкиот партнер дека за идентитетот и јазикот нема со никого да преговараме, а за влезот во ЕУ не сме подготвени да чекаме бесконечно,“ потенцира Јакимовски.

 

 

Слични содржини