Јакимовски ја задолжил општина Карпош за 10,5 милиони евра, обвини СДСМ

од Vladimir Zorba
117 прегледи

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски и „неговите соработници од ВМРО-ДПМНЕ“ ја задолжиле општината за 10,5 милиони евра, обвинија денеска од општинската организација на СДСМ во Карпош.

Од СДСМ велат дека официјалните извештаи на Општината и завршните сметки покажуваат дека само во 2016 година долгот се искачил за нови 5 милиони евра.

– Непознато е каде отидоа овие пари, кога изминатата година не е изграден ниту еден објект од интерес на граѓаните. Но, затоа, само за ставката „репрезентација“, Јакимовски потрошил 140 илјади евра во 2015 и 2016 година, односно по околу 20 илјади денари дневно за гозби и ручеци од џебот на граѓаните – изјави денеска на прес-конференција претседателот на општинската организација на СДСМ во Карпош, Душко Весковски.

Весковски истакна дека од планираните 300 милиони денари за улици и патишта, потрошени биле само 68 милиони денари, поради што жителите на Карпош имаат „раскопани и непроодни улици и тротоари кои служат само за паркирање на автомобили“. Тој порача дека по новата реформска влада, доаѓа и нова локална власт во општина Карпош./META