Општина Карпош и амбасадата на Народна Република Кина вчера организираа свечен настан по повод 30 годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу НР Кина и Република Македонија.
На свеченоста покрај амбасадорот на Народна Република Кина Н.Е. Џанк Ѕоу и градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски кои воедно беа и покровители на настанот, присуствуваа и претставници на дипломатскиот кор во Македонија, Советот на општина Карпош, стопанственици, пријатели и поддржувачи на кинеската култура и традиција.
Градоначалникот Јакимовски во поздравниот говор истакна дека постои доволен простор и можности за натамошно унапредување на односите меѓу двете држави во сите области особено во економската соработка, трговската размена и инвестициите, но секако и во делот на културната соработка.
-За жал, морам да потенцирам дека односите меѓу двете пријателски држави во последните години не се на нивото на кое беа пред десетина години, кога владееше атмосфера на меѓусебно почитување и постојана желба за унапредување на соработката во сите можни области. Една кинеска поговорка вели дека секое време си има свои јунаци. Јас слободно можам да кажам дека времето на Кина на светската економска сцена е дојдено. Чекорите кои кинеската економија веќе подолго време ги прави на глобалната сцена, ја направија сериозен фактор и партнер во креирање на глобалните текови во светот. Овие импресивни развојни резултати го прават нашето пријателство и соработка уште понеопходно и подобредојдено, нагласи Јакимовски.
Градоначалникот потенцираше дека културата е силата која најбрзо и најдобро обединува и дека со поголема културна соработка може да се надеваме на поголема економска соработка.
– Од тие причини на мое големо задоволство, како градоначалник на општина Карпош неодамна потпишав Меморандум за соработка со институтот „Кофуциј“. Целта на соработката е взаемно да овозможиме услови и можност за изучување на кинескиот јазик, литература и култура, користејќи ги кадровските, стручните и просторните можности на двете страни. Преку Меморандумот, ќе се спроведуваат едукативни активности, кои ќе бидат реализирани преку континуирано образование по кинески јазик за учениците и вработените во општината, во организација на институтот, како и преку организација на културни настани, семинари и работилници на заеднички проекти. Овој проект, верувам дека ќе придонесе да се унапреди и севкупната соработка помеѓу Република Македонија и Народна Република Кина, што е важен сегмент во продлабочувањето на нашите меѓусебни односи. Верувам дека во наредниот период пријателството и соработката на двата народа ќе се движат во нагорна линија не само на локално туку и на национално ниво, истакна градоначалникот Јакимовски.