Во Тафталиџе 1 нема да се дозволи да се изгради ниту еден нов објект, вели градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, по шпекулациите во јавноста дека ќе има нова градежна експанзија во урбаната заедница Тафталиџе 1.
-Вистината е следна. Одговорно им тврдам на жителите на Тафталиџе 1 дека нема да се гради ниту еден објект на улиците Букурешка и Варшавска, иако се ставени во овие предлог-планови што ги гледавме во изминатиот период. Граѓаните треба да имаат доверба во својот градоначалник. Тоа што е ветено, ќе биде и исполнето од моја страна. Во други делови ќе пристапиме со огромна внимателност пред што и да било да треба да се прави затоа што пораката на граѓаните ни е јасна, а истовремено и нашите размислувања одат во таа насока. Поради тоа, не треба никој да се плаши ниту да го брани Тафталиџе од мене, вели Јакимовски во краткото видео објавено на неговата фејсбук-страница.
Во однос на реакциите во врска со објектот популарно наречен „Домче”, градоначалникот Јакимовски објасни дека станува збор за посериозен проблем во кој сопственикот на имотот, Социјалистичката партија на Македонија, во моментот ја тужи општината затоа што претходниот градоначалник потпишал договор за комуналии кои биле уплатени од страна на сопственикот, а потоа не им издал градежна дозвола. Поради тоа, СПМ сега бара отштета во висина од 200 милиони денари. Јакимовски вети дека ќе стори се, да најде решение за „Домче”, заедно со граѓаните, во кое никој нема да биде оштетен.