Лично направив кратка обиколка на главните улици во Карпош и го снимив ова видео за да се уверат граѓаните на Карпош како се потценети од страна на ЈП Комунална хигиена- Скопје, објави градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски кој повторно ги следеше работниците на „Комуналец“ за тоа да си ја вршат својата работа.
Според него, „Комунална хигиена“ имаат најголем процент на наплата од 24 илјади домаќинства кои живеат на територија на Карпош.
-Повторувам не бараме нашата работа да ја работи никој, но во исто време нема ние да ја работиме нивната работа!, објасни Јакимовски.
Тој вчера објави дека „Комуналец“ испратиле четворица комунални инспектори кои и забраниле на службата на општина Карпош за одржување на хигиена да го фрла сметот во нивните контејнери.
–Наместо раководството на ЈП Комунална хигиена Скопје да си преземе мерки кон нивните вработени и да проверат дали и колку работат тие вчера ни пратија четири нивни комунални инспектори со цел да ги оневозможуваат нашите вработени кои ја одржуваат хигиената. Иако ние им помагаме нив, побараа сметот и хартијата што ја собираме да не ја фрламе во нивните контејнери. Не може од 24 илјади домаќинства во општина Карпош кои што плаќаат на територија на општина Карпош и каде што е највисока наплатата од целиот град, да имаат вкупно тројца работници и четворица инспектори. Нашата работа никој не ја работи, но во исто време немам намера да ја работам нивната работа. Секој за што зема народни пари треба да си ја работи својата работа. И наместо да се засрамат и да ја подобрат организацијата и контролата на работата тие се служат со рамни работи, посочува Јакимовски, додавајќи дека „со ова тие јасно покажуваат како сакаат да практикуваат власт овде во општина Карпош, но морам да ги предупредам дека ќе наидат на сериозен отпор!“.