Јаневска се извини за „лошо срочената изјава“ за учебниците по странски јазик

од Nikola Popovski
163 прегледи

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска денеска ѝ се извини на јавноста за вчерашната, како што вели, лошо срочена изјава околу учебниците за странски јазик и начинот на учење. Јаневска информира дека тендерот за овие учебници неколку пати е поништуван, а последниот е во постапка на жалба.

-Со години ги нема. Тој тендер многу пати е поништуван и има приговори. Се додека не заврши постапката, јас не можам да објавам нов тендер. Во образованието ништо нема евтино и станува збор за огромни суми на пари, кажа Јаневска во изјава за медиумите.

Потенцира дека најголем број од учебниците за јазик и култура на заедниците, Бирото не ги одобрил заради неквалитет на понудените учебници.

-Не дообјаснив како што треба. Не станува збор за странските јазици. Станува збор за култура и јазици на заедниците. Се разбира дека граматика треба да се учи по наставни програми и учебници, но во однос на учебниците за јазик и култура на заедниците, потенцирам дека најголем дел од тие учебници, Бирото не ги одобрил заради неквалитет на понудените учебници и сакав да кажам на пример дека во понудените учебници се повторува материјал кој децата го учат во својот мајчин јазик, како дефиниција за именка, заменка, предлог. Кога се учат јазиците на заедниците, треба да се фокусираме на комуникативниот јазик, кажа Јаневска.

Голем интерес во јавноста предизвика вчерашната изјава на Јаневска, која рече дека тоа што од септември нема да има учебници за странски јазици нема да биде проблем, бидејќи децата учат јазици од серии. Поентата е, кажа таа, да разбираат и да зборуваат, не да учат граматика на странскиот јазик.

Слични содржини