Во процесот на дигитална трансформација на образовниот систем, интеграцијата на вештачката интелигенција претставува следен, логичен чекор кој значително ќе го унапреди квалитетот, ефикасноста и инклузивноста на образованието во Македонија. Внимателно планираме и преку стратешки пристап постепено ќе ја имплементираме оваа технолошка иновација во начинот на учење, спроведување на наставата и генерално во развојот на човечките ресурси.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на Меѓународниот самит за образовни технологии, што се одржува во Истанбул, од 20 до 22 јуни 2025 година, во организација на Министерството за национално образование и наука на Република Турција.
„Препознаваме дека вештачката интелигенција не треба да го замени човечкиот фактор во образованието, туку да го дополни и унапреди, создавајќи услови за персонализирано учење кое ќе одговори на индивидуалните потреби на секој ученик, студент и наставник. Оваа технологија треба да ни овозможи да создадеме образовна средина каде што секој поединец може да го развие својот потенцијал до максимум, независно од неговите почетни способности или социо-економски услови“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека воведувањето на вештачката интелигенција во основното образование е првиот и најкритичен чекор. Децата прво треба да стекнат основно разбирање што е вештачката интелигенција, како функционира, каде се среќава во секојдневието и дека треба да се фокусираат на нејзиниот етички пристап.