Јанша: Под закана сме од есенски бран, некои земји на ЕУ планираат задолжителна вакцинација

од Nikola Popovski
310 прегледи

Досега во Словенија се регистрирани само 40 случаи на заразната делта варијанта на коронавирус, рече премиерот Јанез Јанша во парламентот, додавајќи дека четвртиот бран е неизбежен ако барем 70% од населението не биде вакцинирано до крајот на летото.

Отфрлајќи ги обвинувањата на опозицијата дека неговата влада лошо управувала со здравствената криза и дека одговорот на вакцинацијата е помал затоа што не создава доволно доверба кај луѓето, словенечкиот премиер рече дека Словенија, со третина целосно вакцинирани и 40% од вакцинираните возрасни, се наоѓа на средината во Европа по процентот на имунизација.

Во парламентот, одговарајќи на прашања во врска со состојбата на епидемијата, во терминот за пратенички прашања, Јанша рече дека процентот на вакцинирани треба значително да се зголеми со цел летото и есента да бидат што е можно „нормални“, објави агенцијата Хина.

„Ако имаме силен бран во Европа наесен поради варијантата делта, тогаш ќе бидеме виновни за тоа. Тогаш ќе треба да се запрашаме како е тоа што успеавме толку брзо да развиеме и произведеме ефикасна вакцина против ковид-19, и не можеме да ги убедиме луѓето да се вакцинираат“, изјави Јанша.

Тој додаде дека цела Европа треба да праша како настанал таков „јаз меѓу напредокот на европската наука и не многу високото ниво на духовност, свест и солидарност“.

„Иако ова засега не е предлог на владата, Словенија ќе мора да разговара за ваквите решенија и да донесе конечна одлука“, рече словенечкиот премиер.

Тој се согласи дека би било добро сите пратенички групи и владата јавно да ги повикаат граѓаните да се вакцинираат, но додаде дека ќе биде поефикасно доколку централните медиуми и помогнат на владината кампања со своите активности, како што е случајот во другите земји.

„Во специјални емисии, медиумите треба да поканат медицински експерти кои би им укажале на предностите на вакцинацијата на оние кои не сакаат да се вакцинираат од разни причини и да ги отстранат предрасудите или дезинформациите што ги обесхрабруваат од вакцинирање“, посочи Јанша.

Слични содржини